Регионална платформа: Итно да се истражат сајбер нападите врз порталот N1 и агенцијата Патрија



Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите, која претставува повеќе од 8000 членови, остро ги осудува хакерските напади врз новинската агенција „Патрија“ (НАП) од Босна и Херцеговина како и на веб-порталот N1 од Србија. Новинската агенција Патрија (НАП) неодамна беше изложена на интензивни сајбер напади, спречувајќи го нормалното функционирање на веб порталот и работата на новинарите. Од медиумот велат дека ова не е првпат да бидат на мета на хакерски напади и дека се сомневаат дека нападите имаат политичка позадина.

Според генералниот секретар на Здружението на новинари во БиХ – Борка Рудиќ, хакерските напади врз медиумите во најголем дел се резултат на други форми на напади врз новинари и редакции, кои честопати не се санкционирани правилно.

„Хакерските напади најчесто се сметаат за техничка закана, но тие не се само техничка туку и професионална закана за медиумите. Ангажманот на хакери сега стана метод за замолчување на некои медиуми, за да не објавуваат информации што не се по волја на владините структури. Затоа треба да го сфатиме овој проблем многу сериозно“, истакна Рудиќ.

Порталот N1 беше мета на сајбер напади во три наврати во период од 28-30 јануари, што го оневозможи на неколку часа пристапот до вестите на веб-страницата како и на апликацијата. Главниот напад кој траеше неколку часа дојде од Кина и беше повторен уште еднаш во текот на денот. Нападите со висок интензитет продолжија и во текот на следните два дена од илјадници компјутери со цел преоптоварување на серверот, мрежата или друг дел од инфраструктура на N1 со цел да се спречи пристапот до нивните корисници. Сè уште нема информации во врска со сторителите и мотивите за нападите.

„Фактот дека сајбер нападите врз N1 се случија во моментот кога медиумот започна со кампањата #LetN1BeSeen како одговор на спорот кој доведе до кратење на сигналот на овој ТВ канал, како и етикетирањето како „политичка партија“ од страна на премиерката Ана Брнабиќ предизвикува особена загриженост“, рече Жељко Бодрозиќ, претседател на НУНС и додаде: „Очекуваме Јавниот обвинител за високо-технолошки криминал на Република Србија да реагира и да го реши овој случај колку што е можно поскоро“.

Регионалната платформа бара надлежните полициски структури во БиХ и Србија итно и навремено да ги истражат сајбер нападите врз новинската агенција Патрија и порталот N1 и да ја известат јавноста за мерките што ќе ги преземат за да се заштити слободата на медиумите и нивната работа.

Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб, 07.02.2020 година

Здружение на новинари во БХ

Синдикат на медиуми на Црна Гора

Здружение на новинари на Хрватска

Здружение на новинари на Косово

Здружение на новинарите на Македонија

Независно здружение на новинари на Србија


, ,