Насоки за безбедно и професионално известување за коронавирусот (COVID-19)

Публикацијата, во првиот дел, нуди насоки за етичко, професионално и одговорно известување за коронавирусот во услови на светска пандемија. Во таа насока, обезбедени се препораки да се користат релевантни извори на информации, да се избегнува сензационализам, да се употребува соодветен речник, внимателно да се  користи визуелизацијата и друго.

Вториот дел на публикацијата претставува еден вид на протокол за заштита и самозаштита на новинарите и медиумските работници при пандемијата од болеста КОВИД-19 (коронавирус). Во овој дел се говори за стандардните мерки за претпазливост, а се обезбедуваат и препораки за известување на новинарите и медиумските работници од терен, како и насоки за редакциско работење и гостувања во емисии на надворешни лица.


Статус и потреба на дописниците во Република Северна Македонија

Во оваа публикација детално е опишан статусот и потребите на дописниците во Република Северна Македонија.


Влијанието на Законот за авторско право и сродните права врз работата на новинарите, фоторепортерите и медиумските работници – практики и препораки

Во оваа анализа, авторите даваат осврт на значењето на авторското право за работата на новинарите, фоторепортертите и медиумските работници преку опис на домашна и странска регулатива, судската практика и ставовите за оваа тематика од релевантни меѓународни политички и граѓански организации.


Компаративна анализа на политичкото огласување во медиумите

Оваа анализа на компаративен начин ја разгледува регулативата за политичкото огласување во медиумите во неколку европски земји и во Македонија. Потребата од оваа анализа произлезе од низа дилеми и прашања кои се наметнаа во Македонија во текот на последниве десетина години, кога политичкото огласување паралелно со државното огласување, масовно се користеа во минатите години како механизам за „купување“ на сервилноста на медумските сопственици.


Показатели за степенот на слободата на медиумите и за безбедноста на новинарите во Македонија

Овој извештај ги презентира резултатите од истражувањето спроведено во рамките на регионалниот проект „Регионална платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите”, која се спроведува од националните новинарски здруженија од Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Србија и новинарскиот синдикат од Црна Гора. Овој извештај се надоврзува на основната студија за легислативата, социо-економската и економскополитичката ситуација во однос на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите, кои ги идентификуваа клучните предизвици и препораки за новинарските здруженија и другите чинители. Главната цел на ова трето истражување беше да се идентификуваат новите случувања и да се спореди сегашната состојба на слободата и безбедноста на медиумите со ситуацијата утврдена во 2016 и 2017 година.