SafeJournalists: Притворања и злоупотреба на човековите права на новинарите во Албанија се неприфатливи

Извор на фотографијата - http://nuns.rs/


Двајца новинари беа приведени од страна на полицијата при известување од уличните протести предизвикани од полициското убиство на Клодијан Раша на 8 декември 2020. Двајцата пријавија насилство и злоупотреба на нивните човекови права од страна на полициските службеници.

На 11 декември, полицијата го приведе Џои Малесиа, новинар и водител на вести во Ора Њуз РТВ, додека ги снимаше протестите. По три часа Малесиа беше ослободен, но тој пријави злоупотреба на неговите човекови права: „Додека го снимав протестот иако се легитимирав како новинар, бев приведен од страна на полицијата. Бев одведен во полициската станица, каде што од страна на полициските службеници бев тепан и навредуван“- рече Малесиа за мрежата на „SafeJournalists” и додаде дека не му било дадено право да телефонира. – „Ме ослободија три часа подоцна, откако потпишав изјава што не ја напишав, но полициските службеници ми ја наметнаа како услов да бидам ослободен“.

Со поддршка на Хелсиншкиот комитет Малесиа поднесе кривична пријава против полицијата.

На 12 декември, Ќамил Џани, главниот уредник на весникот „Коха Јоне”, исто така беше приведен додека бил на должност. Откако Џани заврши со пријавувањето, тој беше сведок на полициското насилство врз демонстрантите. Тој побарал од полицијата да застане, но бил врзан со лисици и приведен заедно со 50-тина демонстранти. Џани изјави дека бил погоден по главата и грбот. Полицијата го запленила неговиот мобилен телефон и ги избришала сите снимки. На Џани, исто така, му бил вршен притисок да потпише изјава со која признава дека е притворен за „учество во нелегален собир“. Откако издавачот на „Коха Јоне” директно контактираше со началникот на полицијата и ова прашање беше објавено во живо на вечерната ТВ-програма, тој беше ослободен.

Иако полицијата досега не даваше официјално соопштение за притворање на новинари, во првичниот извештај на Народниот правобранител се наведува дека во случајот со Малесиа, претставниците на полицијата вербално потврдиле дека тој не бил чуван во просторија за притвор во полициската станица и не бил третиран како притворен.

Блерјана Бино, истражувач на „SafeJournalists“, изјави дека не станува збор за различни случаи: „Претходно имало насилно однесување од страна на полицијата кон престатвниците на медиумите, кое е неприфатливо. Ситуацијата дополнително ја влошува молкот на Директоратот на полицијата. Државните власти мораат правилно да ги испитаат овие случаи, да ги идентификуваат припадниците на полициските сили кои ги прекршиле човековите права на новинарите и да бидат санкционирани. Тие треба да им се извинат на Малесиа и Џани, да ја надоместат штетата и да проверат ваквите постапки да не се повторат“.

„SafeJournalists“ мрежата, која претставува повеќе од 8.200 професионалци во медиумите од Западен Балкан, предупредува на прекумерната употреба на полициска сила против новинарите кои известуваат од протестите. Новинарите кои дежураат, мора да бидат обезбедени, безбедно и професионално да си ја вршат својата работа и да не бидат попречувани во својата работа. Особено сме загрижени што Малесиа и Џани пријавија злоупотреба на нивните човекови права преку насилство, заплена на опрема, уцени и други притисоци. Очекуваме албанските власти дополнително да ги испитаат овие сведоштва, да ги идентификуваат припадниците на полициските сили кои учествувале во нив и да ги санкционираат.

Исто така, ги повикуваме сите новинари да бидат внимателни кога известуваат од насилни протести, да ги имаат видливи нивните „PRESS“ легитимации и да се држат настрана од опасни ситуации.

„SafeJournalists“ mрежата ќе ги информира релевантните национални и меѓународни чинители за овој случај.

Секој напад врз новинари е напад врз сите јавни интереси на граѓаните, демократијата и правата.

 

Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб, 12.12.2020 година.

 

Здружение на новинари на Косово

Здружение на новинари на Македонија

Здружение на новинари на БХ

Здружение на хрватски новинари

Здружение на независни новинари на Србија

Синдикат на медиуми на Црна Гора


, ,