SafeJournalists: Нови докази за притисоците кон „Ora News“ во Албанија



Неколку недели откако вооружената полиција влезе во просториите на медиумот „Ora News“ во Албанија, а имотот на неговиот сопственик Или Ндроќи беше одземен заради наводите за трговија со дрога, „Ora News“ објави разговор од мобилен телефон од 2018 година, во кој се откриваат притисоците од страна на градоначалникот на Тирана и обидите да влијае врз уредувачката политика на медиумот. 

На 3 август, „TV Ora” и „Ora News“ беа на листата на запленети имоти на Ндроќи кои беа одземени по налог на Специјалниот антикорупциски суд (СПАК) заради обвиненија за трговија со дрога во минатото. Ндроќи ги негираше тврдењата, сепак Интерпол потврди дека Ндроќи бил осуден и во странство за истото дело. Полициските сили влегоа во просториите на медиумите, а ова наиде на критика од албанските новинарски организации, Албанскиот совет за медиуми и „Репортери без граници“. 

На 14 август, „Ora News“ објави кореспонденција, во која според нив, разговараат Ндроќи и градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај. Кореспонденцијата покажува дека градоначалникот Велиај ги нарекува новинарите „идиоти“, обидувајќи се да ги дискредитира медиумите и врши притисок врз Ндроќи да ја смени уредувачката политика на медиумите за да информираат во негова корист. Велиај особено ја навредуваше и се закануваше на Бети Њума, тогашна директорка на „Ora News“, а сега ангажирана како новинар. Кореспонденцијата покажува и препраќање на прилози од градоначалникот до директорот на „Ora News“ кои се критички кон Општината и кон него, а тој барал нивно изменување или бришење, притоа заканувајќи се на авторот на текстовите. Иако овие пораки датираат од ноември 2018 година, тие траеле со месеци, особено околу клучните прашања како што е уривањето на Народниот театар во мај 2020 година.

На 15 август, Бети Њума откри дека поднела оставка од својата должност во септември 2019 година, заради ваквите интензивни политички притисоци и обидите да се влијае на уредувачката политика на „Ora News“. Сепак, таа истакна дека  „Ora News“  и „TV Ora” продолжуваат професионално да известуваат без да подлегнуваат на ваквите притисоци.

„Од клучно значење е надлежните правосудни институции да ја испитаат автентичноста на преписката. Ако докаже дека е автентична, тогаш тоа е јасен случај на избран службеник, кој отворено се обидува да ја смени содржината на новинарските написи и да влијае на уредничката политика“, рече Блерјана Бино, експерт од Албанија на мрежата SafeJournalists која истакна дека според Законот за Аудиовизуелни медиумски услуги и според Уставот на Албанија, ваквото мешање е нелегално. „Во исто време“ – додаде Бино – „во интерес на целата медиумска заедница и албанското општество е тековната истрага за случајот на Ндроќи да се спроведе независно и правилно во согласност со владеењето на правото, без да има мешање во работата на новинарите на Ora News и „TV Ora”.

Мрежата SafeJournalists им се придружува на колегите од Албанија во осудата на настаните околу „Ora News“ и „TV Ora”. Овие медиуми се препознаваат како критички настроени кон владата и иако мора да се почитува владеењето на правото, важно е да се оддели сопственикот од новинарите и другите медиумски професионалци кои се вработени таму. Ним мора да им се овозможи да си ја вршат својата работа без политички и каков било друг притисок. Контекстот и начинот на дејствијата што беа преземени против „Ora News“и „TV Ora”, испраќа лоша порака за она што ги чекаа медиумите кои се критички настроени кон работата на владата.

Мрежата SafeJournalists ќе ги информира релевантните национални и меѓународни заинтересирани страни за овој случај. 

Секој напад врз новинарите е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.

 

Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб, 20.08.2020 година

 

Здружение на новинари на Косово

Здружение на новинарите на Македонија

Здружение на новинари во БХ

Здружение на новинари на Хрватска

Независно здружение на новинари на Србија

Синдикат на медиуми на Црна Гора

 


, ,