SafeJournalists: Новинарот Саша Микиќ бил претепан на денот на изборите во Србија



Новинарот Саша Микиќ бил претепан откако го напуштил локалното избирачко место за кое сакал да изветува во Кикинда, Србија. Тој бил нападнат од тројца неидентификувани мажи кои го удирале по целото тело, а претежно по лицето, оставајќи го со исекотини, модринки и хематоми.

На 21 јуни околу 16 часот, Микиќ дошол во локалното избирачко место со цел да известува за процесот на гласање во Кикинда. Тој се претставил и му ја покажал новинарската легитимација на  претседателот на избирачкото место. После два телефонски разговори на претседателот на избирачкото место, станало јасно дека тој нема да даде изјава за медиумите. Во моментите кога Микиќ излегувал од избирачкото место, тој бил нападнат од тројца мажи.

„Двајца мажи ме фатија, а третиот директно ме удри во лицето. Бев покриен со крв“, рече Микиќ, додавајќи дека некој ја повикал полицијата што дошла на местото на настанот и земала изјави од него. Микиќ бил повикан во полициската станица да идентификува тројца мажи. „Не ги познавам овие луѓе. Ништо вакво не ми се случило никогаш. Јас сум новинар долго време и немам што да кријам. Бев на должност, известував од избори, имав новинарска идентификација и сите дозволи“, истакна Микиќ.

Независно здружение на новинари на Србија (НУНС), член на мрежата „SafeJournalists“ го осуди нападот и истакна дека на денот на изборите во Србија се забележани различни притисоци и заплашувања на новинарите.

„Нападот врз Микиќ на денот на изборите е само кулминација по месеци со заплашувања, закани и притисоци со кои се соочуваат српските новинари за време на пандемијата со „Ковид-19“ и предизборната кампања“, рече Жељко Бодрозиќ, претседател на НУНС и додаде дека статистиките на здруженијата покажуваат 80 проценти зголемување на бројот на напади и притисоци врз новинарите во однос на истиот период во 2019 година. „Ваквото драстично влошување на медиумските слободи и нивото на безбедност на новинарите, особено во изборниот период, покажува дека посветеноста на Србија кон вредностите на демократијата е само декларативна. Ситуацијата ќе остане таква сè додека не бидат расчистени сите случаи на напади врз новинари и сторителите бидат соодветно санкционирани“, рече тој.

Мрежата „SafeJournalists“, претставувајќи повеќе од 8.200 медиумски професионалци во Западен Балкан, остро го осудува физичкиот напад врз Саша Микиќ и се приклучува на НУНС во нејзиното барање до надлежните органи во Србија да дејствуваат брзо, да ги изведат сторителите пред суд и да ги санкционираат. Мрежата „SafeJournalists“, ги повикува српските власти, особено Републичкиот јавен обвинител да постапат по кршење на правата и безбедноста на новинарите и да обезбедат безбедно опкружување за нивното работење. Ние ќе ги информираме релевантните национални и меѓународни заинтересирани страни за овој случај.

Секој напад врз новинарите е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.

Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Скопје – Загреб, 25.06.2020 година

Здружение на новинари на Косово

Здружение на новинарите на Македонија

Здружение на новинари во БХ

Здружение на новинари на Хрватска

Независно здружение на новинари на Србија

Синдикат на медиуми на Црна Гора


, ,