Регионална платформа: Полицијата мора да го почитува законот



Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите, која претставува повеќе од 8.200 члена, остро го осудува дејствувањето на полициската управа на Тузла која ја запрела екипата на РТВ Слон, ги запленила нивните мобилни телефони и ги избришала сите снимки од настанот за кој тие известуваа.

На 20 април, во 20:30 часот екипата на РТВ Слон била запрена од полицијата додека снимала група граѓани кои пристигнале во еден од изолационите центри во Тузла. И покрај тоа што имале валидни прес-картички и дозволи за движење и работа за време на полициски час, нивните мобилни телефони биле одземени и пред да им бидат вратени, целиот материјал од снимениот настан е избришан од нив. Од РТВ Слон изјавија дека оваа акција е резултат на произволна одлука на полицајците од Кантонот Тузла, да се забрани снимањето на споменатиот настан. Кризниот штаб на кантонот во Тузла, директорот на полицијата и директорот на Центарот за полициска администрација реагираа навремено и ги санкционираа постапките на полициските службеници.

„Баравме итна истрага за инцидентот од страна на Кантоналното Министерство за внатрешни работи Тузла и соодветни санкции и тие реагираа навремено“, рече Борка Рудиќ, генерален секретар на Здружението на новинари во БиХ. „Сепак, тоа е неприфатлив е односот на полицијата кон новинарите кои практично секојдневно ги ризикуваат нивните животи за да донесат навремени и проверени информации во јавноста. Тие имаат право да снимаат вакви настани без претходна дозвола, а полицијата не смее да ја одзема нивната опрема без судски налог“, истакна Рудиќ.

Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите ја поздравува брзата реакција на властите на Кантонот Тузла, кои покажаа дека е можно санкционирање на припадниците на полицијата и ги повикува не само членовите на МВР, туку и сите претставници на државата да се воздржат од носење произволни незаконски одлуки за обструкција на работата на новинарите, како и бришење на нивниот материјал и заплашување. Ова е особено важно за време на пандемијата COVID-19 кога тензиите и стресот се високи во целото општество.

Регионалната платформа ќе ги информира домашните и меѓународните организации за заштита на безбедноста на новинарите.

Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб, 24.04.2020 г.

Здружение на новинари во БХ
Синдикат на медиуми на Црна Гора
Здружение на новинари на Хрватска
Здружение на новинари на Косово
Здружение на новинарите на Македонија
Независно здружение на новинари на Србија


, ,