Регионална платформа: Осуда на вербалните закани кон редакцијата на Капитал.ба



Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиуми и безбедност на новинарите која претставува повеќе од 8000 членови, остро ги осудува вербалните закани упатени кон редакцијата на Капитал.ба од Бања Лука и кон главниот уредник Синиша Вукелиќ од страна на Душко Перовиќ, раководителот на Претставништвото на Република Српска во Русија.

Острите закани кон членовите на редакцијата Капитал, од страна на  Душко Перовиќ се направени преку телефон откако овој портал објавил текст за рускиот инвеститор Расид Сердаров и компанијата Комсар Енерџи, сопственик на концесијата за изградба на термоцентралата „Угљевик 3“ во Република Српска. Перовиќ се заканил дека ќе го “затвори“ порталот Капитал доколку уредникот Синиша Вукелиќ уште еднаш напише нешто за работата на „Комсар енерџи“ и истакнал дека порталот брзо ќе згасне и дека уредникот Вукелиќ ќе треба „да се пресели на Марс“.

„Со тоа што канцелариите на нашите обвинители не ја извршуваат до крај својата работа, нападите и заканите против новинарите станаа правило, а не исклучок. Затоа, сите дискусии на тема слобода на медиумите остануваат своевидна загатка пред претставниците на меѓународната заедница. Ги повикуваме обвинителите на сите нивоа итно да превземат мерки против нападите и заканите упатени до редакциите и поединците од новинарската професија, кои сè повеќе ја загрозуваат не само медиумската слобода, туку и постоењето на новинарите воопшто“, рече Марко Дивковиќ, претседател на Здружението на новинарите на БиХ.

Регионалната платформа ги смета заканите на Перовиќ за сериозен напад врз слободата на изразување и безбедноста на новинарите и ги повикува сите релевантни институции веднаш да го истражат овој напад и да преземат соодветни мерки против напаѓачот – кој е службеник на Владата на РС и моментално престојува во Москва.

Платформата ќе ги информира домашните и меѓународните организации за заштита на слободата на изразување и безбедноста на новинарите за заканите кон редакцијата на Капитал.ба, вклучително и Руската амбасада во Босна и Херцеговина.

Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб, 24.02.2020 година

Здружение на новинари во БХ

Синдикат на медиуми на Црна Гора

Здружение на новинари на Хрватска

Здружение на новинари на Косово

Здружение на новинари на Македонија

Независно здружение на новинари на Србија


, ,