Регионална платформа: Закани кон новинарската екипа на ТВ Клан додека снимале мигранти во Северна Македонија



Новинарот на ТВ Клан Фуркан Салиу и снимателот Ибрахим Мамути добиле закани од човек кој им го пресекол патот со неговиот автомобил и побарал од нив да ги избришат снимките од мигрантите што ги снимале неколку часа претходно.

На 27 мај, Салиу и Мамути биле во близина на селото Ваксинце, снимајќи поголема група мигранти кои се движеле во таа околина. Кога тргнале назад кон Скопје, нивниот автомобил бил пресретнат од друго возило што им го попречило патот. Еден маж излегол од автомобилот и се заканил дека ќе им направи големи проблеми доколку ги објават снимките и побарал од нив да го избришат снимениот материјал. Новинарите одбиле да го сторат тоа, по што човекот влегол во својот автомобил и заминал. Веднаш потоа новинарите го пријавиле случајот во полиција.

„Во меѓувреме, човекот веројатно сфати дека направил грешка и ни се извини“, рече Фуркан Салиу. „Одлучив да го прифатам извинувањето, но заканите беа пријавени во полиција и во Здружението на новинари на Македонија. Важно е случајот да го процесуираат институциите, не заради мене, туку со цел да се спречат идни закани кон новинарите“, додаде тој .

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски ги осуди заканите против Салиу и Мамути и побара од МВР итно да го идентификува лицето што им се заканило на новинарите и да поднесе соодветни кривични пријави до Основното јавно обвинителство за овој случај. „Тие не треба да имаат проблем да го идентификуваат заканувачот, бидејќи полицијата ги знае регистарските таблички на автомобилот на ова лице“, рече тој. Чадиковски уште еднаш ја потсети јавноста дека цензурата е забранета со Устав, а заканите против новинарите се целосно неприфатливи и се сметаат за кривично дело.

Мрежата SafeJournalists, претставувајќи повеќе од 8.200 медиумски професионалци во Западен Балкан, се придружува на нејзиниот член на ЗНМ во барањето за брза и ефикасна истрага. Ги повикуваме надлежните органи да дејствуваат во согласност со најдобрите практики, да ги користат доказите дадени од новинарите, а сторителот да биде соодветно санкциониран. Исто така, опасното возење демонстрирано од осомничениот е форма на заплашување и треба да се третира како такво при процесирањето на предеметот.

SafeJournalists.net ќе ги информира сите релевантни национални и меѓународни организации за овој случај.

Секој напад врз новинарите е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.

Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб, 29.05.2020 година

Здружение на новинари во БиХ

Синдикат на медиуми на Црна Гора

Здружение на новинари на Хрватска

Здружение на новинари на Косово

Здружение на новинарите на Македонија

Независно здружение на новинари на Србија


, ,