Регионална платформа: Заканите кон новинарите претставуваат сериозно кривично дело



Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите, која претставува повеќе од 8000 членови, е длабоко загрижена поради заканата која раководителот на Дирекцијата за култура во Скендерај, Рамиз Шала, ја упати кон новинарот Кајтаз Гецај.

Кон средината на минатата недела, г-дин Рамиз Шала се закани со физичко насилство и дека ќе го избрка новинарот Кајтаз Гецај од неговата редакција, доколку тој повторно пишува за г-дин Шала и за финансирањето на интернет порталите од јавниот буџет на Општина Скендерај. На свој профил на Фејсбук, новинарот Гецај објасни дека тој никогаш не пишувал за господинот Шала.

Случајот е пријавен во полиција, која најави итна истрага за истиот. „Полицијата презеде итна акција, службеникот од општината отишол во полициската станица во Скендерај и таму бил сослушан. После разговорот бил известен државниот обвинител, кој пак упатил дека случајот треба да се дополни со информации и дека ќе бидат преземени истражни дејствија за да се утврди дали постои казнено дело“, се вели во одговорот на косовската полиција до Здружението на новинари на Косово.

Ова е втор случај на напади врз новинари во Косово во рок од една недела. И во двата случаи, политичари нападнаа новинари и медиумски работници.

„Ги повикуваме сите политичари да се дистанцираат од ваквиот неприфатлив однос кон новинарите и доколку постојат тврдења против написи направени од новинари, тие можат да водат правни процедури, а не да користат закани против новинарите.“ – рече Гентиана Беголи Пустина, претседател на Здружението на новинари на Косово.

Регионалната платформа му се придружува на својот партнер ЗНК во повикот кон косовската полиција, државните обвинители и судовите, кои мора да дејствуваат сериозно и веднаш за да ги казнат политичарите за заканите. Неопходно е да се гарантира безбедноста на новинарите и слободата на медиумите.

Секој напад врз новинар е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.

Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб, 24.12.2019 г.

Здружение на новинари во БХ

Синдикат на медиуми на Црна Гора

Здружение на новинари на Хрватска

Здружение на новинари на Косово

Здружение на новинари на Македонија

Независно здружение на новинари на Србија


, ,