Регионалната платформа остро ја осудува заканата на бизнисменот Љатиф Криезиу кон Беким Кабаши



Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите, која претставува повеќе од 8.200 членови, ги осудува заканите на бизнисменот Љатиф Криезиу кон директорот на онлајн порталот „Репортери“, Беким Кабаши.

Според порталот „Репортери“, на 12 март 2020 година околу 19 часот, Криезиу му се заканил на Кабаши преку порака на „Whatsapp“ каде му напишал: „ќе се каеш за ова“. Криезиу потоа заедно со уште едно лице отишле во куќата на Кабаши во Раховец, каде дополнително вршеле притисок врз родителите на Кабаши. Според „Репортери“, оваа закана се случила како резултат на објавувањето на написот „Бензински пумпи SHELL во Косово не продаваат деривати на холандскиот гигант SHELL“.

Овој случај е исклучително сериозен и претставува опасна закана за слободата на медиумите и физичкиот интегритет на новинарите. Покрај тоа, за Здружението на новинарите на Косово е крајно загрижувачко и неприфатливо тоа што оваа закана се прошири и на членовите на семејството, за што судскиот систем треба да преземе итни мерки.

„Од јануари 2020 година, регистриравме вкупно 5 случаи против новинари. Но, ова е уште посериозен случај. Покрај тоа што му се закануваше на Кабаши, Криезиу изврши притисок и врз неговите родители“ – рече претседателката на Одборот на ЗНК, Гентиана Беголи Пустина.

И покрај фактот дека ЗНК побара повеќе информации од косовската полиција на 13 март, тоа сè уште нема добиено одговор.

Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите ги поддржува повиците на ЗНК за секој што смета дека му се повредени правата од некој новинарски текст да се послужи со системот на саморегулација, а не да упатува закани, уцени и говор на омраза кон новинарите.

Во врска со заканите кон Кабаши, Регионалната платформа ќе ги информира домашните и меѓународните организации за заштита на слободата на изразување и безбедноста на новинарите.

Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб, 17. 03.2020 година

Здружение на новинари во БХ
Синдикат на медиуми на Црна Гора
Здружение на новинари на Хрватска
Здружение на новинари на Косово
Здружение на новинарите на Македонија
Независно здружение на новинари на Србија


, ,