Регионалната платформа остро го осудува физичкиот напад врз новинарската екипа на весникот Блиц



Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите, која претставува повеќе од 8.200 членови, остро го осудува физичкиот напад врз новинарската екипа на весникот „Блиц“ во северниот дел на Митровица.

Екипата на весникот „Блиц“, новинарите Небих Маџуни, Дијамант Бајра и снимателот Арсим Реџепи, биле физички нападнати додека известувале за состојбата со коронавирусот.

Како што јавува весникот „Блиц“, новинарите се приближиле до местото каде се продава брашно и се распрашувале дали снабдувањето е доволно за нивните потреби. Двајца млади граѓани им пристапиле и го удриле Маџуни во лицето и увото, а потоа ги турнале и Бајра и Реџепи. Веднаш по инцидентот, новинарот Маџуни бил испратен на лекување во болницата во градот Митровица.

Косовската полиција е известена за овој напад по што земен е исказ од нападнатите новинари.

„Ваквите напади врз новинарите се скандалозни и не се својствени за едно слободно и демократско општество. Здружението на новинарите на Косово (ЗНК) бара случајот да биде итно процусуиран од надлежните институции. Ќе го следиме случајот и ќе побараме ефикасно да се постапува“- рече претседателката на Управниот одбор на ЗНК, Гентиана Беголи Пустина.

Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите смета дека ова претставува сериозен напад врз безбедноста на новинарите и ги поддржува повиците на ЗНК до сите релевантни институции веднаш да го истражат нападот и да преземат соодветни мерки против напаѓачите.

Во однос на овој напад, Регионалната платформа ќе ги информира домашните и меѓународните организации кои работат во полето на заштита на слободата на говорот и безбедноста на новинарите.

 

Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб, 24.03.2020 година

Здружение на новинари во БХ
Синдикат на медиуми на Црна Гора
Здружение на новинари на Хрватска
Здружение на новинари на Косово
Здружение на новинарите на Македонија
Независно здружение на новинари на Србија


, ,