Новинарските здруженија од регионот бараат брз одговор од српските власти за случајот со весникот Врањске новине



Регионалната платформа за Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите, која претставува повеќе од 7800 новинари и медиумски работници ја изразува својата најдлабока загриженост поради притисокот врз локалниот весник „Врањске новине“ и штрајкот со глад на главниот уредник и сопственик Вукашин Обрадовиќ.

По 23 годишно работење и критичко следење на локалните проблеми на југот на Србија, Врањске новине се затвори поради постојани притисоци, од економски и политички карактер.

Обрадовиќ со отворено писмо им се обрати на надлежните институции и на јавноста барајќи одговори за состојбата на „Врањске новине“: „Од своето основање, весникот се водеше во согласност со законот, транспарентно. Немаше големи осцилации во работењето, сите даноци беа плаќани на време, весникот беше воден под исто име и издаван од страна на истиот издавач. Во претходните случаи на контроли на државните власти, Врањске новине се придржуваа до одлуките на властите и постапуваа според издадените препораки“. Не е јасно зошто деловен субјект со таква историја заслужува такви интензивни финансиски инспекции, кои овој месец траеле повеќе од две недели, а биле спроведени во просториите на весникот.

Бараме од институциите да реагираат соодветно на писмото на Обрадовиќ, како и адекватно да одговорат на неговите технички прашања.

Завчера делегација на новинари од регионот го посети Обрадовиќ во Врање со цел да изрази солидарност. Иако е разбирлив во овој контекст, штрајкот со глад не е одржлива мерка за постигнување напредок во слободата на медиумите, бидејќи цената што треба да ја плати оваа исклучителна личност е премногу висока во име на поширока кауза. Другите поврзани протести на граѓаните што се случија истиот ден пред зградата на Владата во Белград, дополнително ја потврдуваат сериозноста на ситуацијата и испраќаат порака до институциите во Србија дека критичните медиуми се важни за општеството и дека Владата треба да создава услови во кои е можно тие слободно да функционираат.

Мрежата ќе ги информира сите релевантни регионални и европски институции за овој случај со цел да ја побара нивната поддршка и ќе продолжи да го надгледува случајот се додека не се реши ова прашање.

 

Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб

 

BH Journalists Association
Trade Union of Media of Montenegro
Croatian Journalists’ Association
Association of Journalists of Kosovo
Association of Journalists of Macedonia
Independent Journalist Association of Serbia

 


, ,